Русија донесе одлука од 1 април целосно да го запре извозот на бензин за сите учесници на пазарот, вклучително и за самите производители, со цел да обезбеди стабилно снабдување на домашниот пазар во услови на глобална енергетска неизвесност.
Одлуката е донесена на состанок предводен од вицепремиерот Александар Новак, во координација со водечките нафтени компании. Според неофицијални информации, мерката би можела да трае до три месеци, иако точниот рок сè уште не е официјално потврден.
Во моментов не се планираат ограничувања за извоз на дизел гориво. Инаку, веќе постојат одредени рестрикции за извоз на бензин и дизел што важат до крајот на јули, но тие досега се однесуваа само на трговците, а не и на производителите.
Новак и претходно нагласи дека главен приоритет на властите е обезбедување доволни количини гориво за домашните потреби, особено во период кога глобалните енергетски пазари се под силен притисок.
Во меѓувреме, многу земји воведуваат мерки за штедење на гориво, додека последиците од кризата на Блискиот Исток различно се чувствуваат низ светот, при што Европа засега е помалку погодена во споредба со други региони.



















