Германски поморски единици ќе бидат распоредени во Медитеранот како дел од подготовките за евентуално учество во меѓународни мисии поврзани со безбедноста на Ормутска Теснина, изјави министерот за одбрана Борис Писториус.
Тој за германски медиуми посочи дека во рамки на подготовките ќе бидат испратени миноловец и командно-снабдувачки брод, но не прецизираше точен датум на нивното распоредување.
Писториус нагласи дека евентуално учество во мисија би било можно само под одредени услови, вклучително одржлив прекин на огнот, правна основа според меѓународното право и одлука на германскиот парламент Бундестаг.
Според него, Германија има значајна улога во НАТО во областа на чистење мини и поморско извидување, што би можело да биде дел од потенцијалниот придонес во регионот.
Идејата за меѓународна мисија доаѓа во контекст на зголемени тензии во регионот по воените дејствија меѓу Иран, САД и Израел, кои влијаеја врз стабилноста и трговијата во поширокиот регион на Персискиот Залив.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно изјави дека земјата е подготвена да учествува во мултинационални напори за обезбедување слободна пловидба и стабилност во регионот.








