Во изминатото деноноќие, до 07:30 часот, во Македонија се регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од вкупниот број, пет пожари се активни, еден е ставен под контрола, додека 25 се целосно изгаснати.
Најсериозна е состојбата со пожарот во општините Студеничани и Зелениково, каде што гори мешана шума на потегот од Моране преку Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград и во правец на Преслап.
Активен пожар има и во Копаница, Општина Сарај, каде што огнот се шири кон Радуша и зафаќа ниска вегетација и шума.
Во Општина Чашка, пожарот над селото Нежилово, на месноста Сватови, зафаќа ниска вегетација и поединечни дрвја.
Пожар гори и во Копанце, Општина Јегуновце, каде што е зафатена мешана шума, како и во атарот на Црнилиште, Општина Прилеп, каде што огнот се шири низ ниска вегетација и шума.
Пожарот на територијата на Гостивар и Македонски Брод е ставен под контрола. Огнот започнал кај селото Трново, а потоа се проширил кон Битово, Заград и Страјане. Зафатени биле нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат.
Во истиот период биле изгаснати и 25 други пожари во Струмица и околните села, Охрид, Прилеп, Штип, Тетово, Гостивар, Делчево, Берово и други општини.
ЦУК продолжува со следење на состојбата на терен и апелира до граѓаните на особена внимателност, бидејќи високите температури и сувата вегетација создаваат услови пожарите на отворен простор брзо да се шират.










