Регионот од утре може да се соочи со сериозен колапс во товарниот сообраќај, откако превозниците од Босна и Херцеговина најавија масовни протести поради ограничувањата за престој на професионалните возачи во Шенген-зоната, пренесува Радио Сарајево.
Според најавите, блокадите ќе започнат во 7 часот наутро и ќе ги зафатат клучните гранични премини за товарни возила, вклучително и оние кон Србија, што може да предизвика долги колони и застои во транспортот.
Превозничките здруженија реагираат на, како што велат, неправеден третман на возачите од Западен Балкан, на кои им се отежнува нормалното извршување на работните обврски поради рестрикциите во Шенген.
Во заедничкото соопштение, Конзорциум Логистика БиХ нагласува дека протестите не се изненадување, туку резултат на повеќе од една година неуспешни обиди проблемите да се решат преку институциите.
Тие посочуваат дека 14 месеци учествувале на состаноци, давале предлози и чекале конкретни решенија, но и покрај бројните ветувања од надлежните институции, ниту еден од клучните проблеми не бил решен во пракса.
Со оглед на најавените блокади, постои сериозен ризик од нарушување на синџирите на снабдување и дополнителен притисок врз економијата во целиот регион.


















