Турската национална авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ ќе и го префрли на албанската Влада сопствеништвото на модифицираниот авион „Ербас А319‑115J“, вреден 11,9 милиони долари, како дел од билатерален договор за грант. Оваа донација е дел од напорите за зајакнување на дипломатските и економските врски меѓу двете земји.
Според договорот, авионот, регистриран како TC-GVC со сериски број 1002 и произведен во февруари 2000 година, останува сертифициран за летачки операции. Договорот истакнува дека донацијата има за цел да ги зајакне „пријателските односи и блиската соработка“ меѓу Турција и Албанија, кои првично биле воспоставени со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 1992 година.
Двете земји изразуваат желба за понатамошно продлабочување на соработката преку техничка и одбранбена координација. „Договорот ја одразува заедничката посветеност за продлабочување на институционалните партнерства во цивилното воздухопловство, одбранбената логистика и пошироките стратешки сектори, а истовремено служи како симболичен гест на поддршка на Турција за регионалниот развој и интеграцијата на Албанија“, оценува „Туркије тудеј“.
Авионот ќе биде испорачан на албанската Влада без никакви финансиски обврски, а Турција ќе ги покрие и трошоците за трансфер, што дополнително ја нагласува поддршката за зајакнување на билатералните односи.
















