Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска разговараше со Вселенскиот патријарх Вартоломеј, при што ја истакна тешката состојба во Украина поради континуираните напади на руската армија, дури и за време на бадничните и божиќните празници, пренесуваат украинските медиуми.
„За жал, руската армија не ги запре бруталните напади врз Украина, енергетскиот сектор и нашиот народ дури ниту на Бадник и Божиќ. Во многу наши градови и села нема електрична енергија“, напиша Зеленски на својот Телеграм канал.
Претседателот нагласи дека руските сили продолжиле да ги бомбардираат градовите на истокот на Украина и во денешниот ден. Според извештаите на Укринформ, во Чернигов, токму за време на разговорот со патријархот, тимовите за итна помош пружале поддршка на ранетите по нападот на руски беспилотни летала врз обична станбена зграда.
„Тоа е варварски напад од оние кои дури и не го почитуваат Бога“, истакна Зеленски, повикувајќи ја меѓународната заедница на внимание кон продолжената агресија и страдањето на украинските граѓани.
















