Премиерот Христијан Мицкоски денеска даде категоричен одговор на прашања за мигрантската ситуација во земјава, истакнувајќи дека, додека е оваа влада, нема да има ниту нелегална, ниту легална миграција како последица на пропаднати апликации за азил или други договори. „Јавноста да биде спокојна. Сè се гледа“, нагласи тој, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
Мицкоски ги оцени обвинувањата на опозицијата како „апсолутна лага и конструкција“, нагласувајќи дека никогаш не се разговарало на оваа тема во контекст на стратешко партнерство со Обединетото кралство. Тој посочи дека ваквите обвинувања се дел од политички трик за „растурање на пердуви“ и одвлекување на вниманието од внатрепартиските случувања во СДСМ, особено изборот на новиот Извршен Одбор.
„Тоа е пи-ар трик за уназадување. Ако некој сака да биде сериозна политичка опција, мора да има сериозни позиции, а ова се само политички гимнастики“, оцени Мицкоски. Тој додаде дека мигранти нема да има во март, април и јуни, и дека ваквите обвинувања ќе бидат неосновани и на следните избори опозицијата ќе изгуби поддршка.
Премиерот исто така ја критикуваше опозицијата за празната сала во делот каде што тие треба да седат. „Ова е ден за пратенички прашања, ден кога опозицијата треба да прашува, а пратениците кои ги чинат граѓаните илјадници евра месечно, ги нема. Ова е сликата на македонската опозиција денеска“, рече Мицкоски.
Во контекст на мигрантската тема, тој ја поздрави Резолуцијата донесена од македонското Собрание, нагласувајќи дека таа стави крај на измислената дискусија за мигранти и ги потврди политиките на владата, кои беа поддржани и од граѓаните на неодамнешните локални избори. „Оваа влада има историски најголема доверба и обврска да ги штити интересите на граѓаните, дури и кога се соочува со неодговорна опозиција“, додаде Мицкоски.
Тој го коментираше и поднесокот на СДСМ до Уставниот суд за Резолуцијата, оценувајќи го како „чудно“ и невидено, бидејќи не станува збор за закон или подзаконски акт, туку за Резолуција. „Местото за дебата е во Парламентот, тука се бранат аргументите, а опозицијата ги остави своите места празни. Граѓаните треба да ја видат оваа слика“, заклучи Мицкоски, повторувајќи дека владата останува одговорна и стабилна, додека опозицијата се бави со политички трикови.
















