Владата на Шведска денеска поднесе предлог за уставни измени кои би овозможиле одземање на државјанството на водачи на криминални групи, како дел од зголемената борба против широко распространетиот организиран криминал.
Меѓупартиска парламентарна комисија претходно, во јануари, предложи измени што би овозможиле одземање на пасошите на лица со двојно државјанство осудени за шпионажа или предавство. Владата, меѓутоа, одлучи да го прошири предлогот за да вклучи и водачи на криминални групи кои предизвикуваат „многу сериозна штета на општеството“, изјави министерот за правда Гунар Стромер.
Според денешниот предлог-закон, се предвидува одземање на пасошите на лица со двојно државјанство осудени за „кривични дела што сериозно влијаат на примарниот национален интерес“, како што се сериозни дела поврзани со организираниот криминал.
Шведска се бори со насилството поврзано со бандите повеќе од една деценија, а уставните измени се дел од напорите за засилување на легислативата против криминалните мрежи.
За да стапат во сила, амандманите мора да бидат одобрени со просто мнозинство во Парламентот, а потоа да се усвојат на второ гласање по изборите. Стромер нагласи дека целта е уставните измени да стапат во сила на почетокот од 2027 година.

















