Според информации објавени од британскиот весник Сан и пренесени од 4NEWS.mk, Велика Британија е во преговори со Северна Македонија за формирање „центар за враќање на мигранти“, како дел од нов обид за спречување на нелегално преминување преку каналот.
Во рамки на договорот, Велика Британија би платила на Северна Македонија за секој мигрант што ќе го прифати, истовремено инвестирајќи во инфраструктурата и обезбедувајќи безбедносна поддршка за спротивставување на руското влијание во регионот.
Според предлогот, мигрантите депортирани од Велика Британија ќе можат да бараат азил во Северна Македонија, без да бидат притворени или ограничени. Тие ќе можат да ја напуштат земјата, доколку сакаат, а исто така ќе бидат поттикнувани да бараат работни визи во сектори со недостиг на работна сила, како што е градежништвото.
Идејата за слични центри е разгледувана и со други земји на Западен Балкан: Косово е во преговори со Велика Британија, но со ограничен капацитет, додека Босна и Херцеговина ја отфрлила иницијативата, сметајќи ја за „некомпатибилна со националните интереси“. Германија и Данска исто така истражуваат слични центри, со поддршка од агенцијата за бегалци на ОН, доколку се почитуваат човековите права.
Северна Македонија, со население од 1,8 милиони луѓе, се смета за клучна точка на патеката што ја користат мигрантите од Блискиот Исток и Африка кон Западна Европа. Оваа година повеќе од 10.000 мигранти минале низ Западен Балкан, а британските и регионалните власти веруваат дека инвестициите во инфраструктурата би можеле да ги задржат мигрантите во регионот, наместо да се обидуваат да преминуваат преку каналот со мали чамци.

















