Од крајот на октомври, кога црногорската Влада привремено воведе визи за турските државјани, речиси 9.000 Турци ја напуштиле Црна Гора, а 31 турска компанија што работеше во земјата се затворени во ноември, објавуваат медиумите во Подгорица.
Причината за воведувањето визи е инцидентот од 25 октомври во населбата Забјело во Подгорица, кога со нож беше повреден 25-годишниот М.Ј. Првичните извештаи на полицијата укажуваа дека во нападот биле вклучени државјани на Турција и Азербејџан, но подоцна се покажа дека нападот го извршиле двајца Азербејџанци.
Инцидентот предизвика десничарски протести, при кои беа запалени неколку продавници во сопственост на Турци.
Министерството за внатрешни работи на Црна Гора соопшти дека од 27 октомври, од кога се воведени визите, 8.935 турски државјани ја напуштиле земјата. Бројот на посети од Турција е значително намален, а повеќе од 30 турски компании биле затворени во ноември – што значи дека во просек секој ден се затворала по една компанија.
Податоците од Даночната управа покажуваат дека Турците регистрирале 2.140 правни лица во Црна Гора, најчесто во трговија на големо, градежништво, угостителство, консултантски услуги и изнајмување или лизинг на автомобили.
Црногорскиот министер за надворешни работи, Ервин Ибрахимовиќ, изјави дека верува оти турските државјани наскоро повторно ќе бидат ослободени од визи и дека безбедносните служби на двете земји интензивно соработуваат по неодамнешниот инцидент.
– Верувам дека брзо ќе ги ослободиме визите за турските граѓани, изјави Ибрахимовиќ.

















