Националниот парк „Шар Планина“ соопшти дека на една од нивните трап-камери е забележана мајка рис со младенче, при што и двете животни се во одлична здравствена состојба. Со ова, бројот на документирани рисови на територијата на Шар Планина се зголемува од една на три единки.
Минатата година, првпат беше снимен мажјак на локалитетот Лешница, а сега историскиот момент е дополнет со мајка со младенче на територијата на Општина Боговиње. Мајката рис е именувана Сибел, по избор на колегата кој ја регистрирал снимката.
Балканскиот рис е територијално животно што зазема големи површини – понекогаш над 40 km². Неговиот плен се состои од срни, диви кози, зајаци, еребици, ситни цицачи и други шумски видови. Популациите на пленот на Шар Планина полека, но стабилно растат, а ловот е целосно забранет, што придонесува за зачувување на видот.
Националниот парк потенцира дека снимката ја потврдува важноста на континуираниот мониторинг и вложувањето во заштита на биодиверзитетот, нагласувајќи дека балканскиот рис е критично загрозен вид.
По повод овој успех, тимот на паркот слави со мекици, во знак на радост и почит кон природата.

















