Нов силен топлотен бран ја зафати Шпанија, а метеоролозите предупредуваат дека во текот на следните денови температурите на одделни места би можеле да достигнат и до 44 степени Целзиусови.
Државната метеоролошка служба на Шпанија (AEMET) издаде портокалов аларм за голем дел од земјата, при што најкритична се очекува да биде ситуацијата во југозападните региони и во долината на реката Ебро. Во многу градови температурите веќе надминуваат 40 степени, а најголемиот топлотен удар се очекува во почетокот на неделата.
Покрај екстремните горештини, властите се соочуваат и со зголемен ризик од шумски пожари. На Канарските Острови, особено на Гран Канарија и Тенерифе, е прогласена тревога поради сувото време и силниот ветер, кои можат да придонесат за брзо ширење на пожарите.
Здравствените власти предупредуваат дека опасноста нема да биде само преку ден. Во многу делови од земјата се очекуваат таканаречени тропски ноќи, при што температурите нема да се спуштаат под 26 до 28 степени. Тоа значително го отежнува разладувањето на организмот и го зголемува ризикот за постарите лица, децата и хронично болните.
Претходниот топлотен бран во Шпанија, според официјалните податоци, беше поврзан со стотици смртни случаи во текот на јуни, поради што надлежните повторно апелираат граѓаните и туристите да избегнуваат престој на сонце во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да ги ограничат физичките активности на отворено.







