Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднела кривична пријава против три лица од општина Вевчани – В.Р. (56), З.П. (61) и А.А. (60) – поради сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“.
Според наводите, првопријавениот, во својство на раководител во Подрачно шумско стопанство „Јабланица“ – Струга, не извршувал соодветен надзор врз процесите за сеча, транспорт и наплата на дрвна маса. Со тоа, како што се наведува, не спречил незаконски активности и овозможил стекнување противправна имотна корист.
Второпријавениот, кој работел како референт за користење, заштита и одгледување на шуми, пропуштил службен надзор врз сечата и транспортот на дрвната маса.
Третопријавениот, референт за сеча и дотур, според истрагата, издавал испратници за превоз на бесправно исечено дрво на физички лица, иако бил свесен дека тоа е спротивно на важечките прописи за шумско работење и жигосување на дрва.
Со ваквите дејствија, според МВР, е причинета материјална штета на ЈП „Национални шуми“ и на државниот буџет во износ од 280.436 денари.










