Министерството за образование и наука ги извести студентите дека од денеска е отворен рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година, кој ќе трае до 5 февруари 2026 година.
Според соопштението на МОН, правото на субвенциониран студентски оброк можат да го користат сите редовни студенти на додипломски студии чии месечни приходи се пониски од минималната нето плата. Ова право го имаат и студентите запишани на постдипломски и интегрирани студии, како на државните, така и на приватните универзитети во земјава.
Од Министерството нагласуваат дека студентите кои ги исполнуваат условите, а досега не аплицирале, имаат можност тоа да го сторат во овој рок. Аплицирањето се врши исклучиво по електронски пат, преку официјалниот портал за е-услуги на МОН: https://e-uslugi.mon.gov.mk
Дополнително, право на повторно аплицирање имаат и студентите на кои им било прекинато користењето на субвенционираниот студентски оброк, доколку сметаат дека повторно ги исполнуваат сите услови. Овој рок е отворен и за сите оние кои не поднеле апликација во претходните активни рокови.
Сите услови и критериуми за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се објавени на официјалната веб-страница на Министерството за образование и наука, во делот „Конкурси и стипендии“.
За техничка или административна поддршка при аплицирањето, студентите можат да се обратат на електронската адреса: [email protected]
Министерството за образование и наука апелира студентите навремено да ја поднесат својата апликација и да ги проверат сите потребни услови, со цел непречено да го остварат правото на финансиска поддршка за студентски оброк во текот на академската година.

















