Шпанскиот тенисер Карлос Алкарас направи историски подвиг, совладувајќи го Новак Ѓоковиќ во финалето на Австралија опен со резултат 2-6, 6-2, 6-3, 7-5. Со оваа победа, Алкарас стана најмладиот играч во машка конкуренција кој успеал да ги освои сите четири грен слем турнири. На само 22 години, тој веќе има седум грен слем титули во својата кариера: две на Вимблдон, две на Ролан Гарос, две на Ју-Ес опен и новата од Австралија опен.
Овој триумф ја потврдува доминацијата на помладата генерација, бидејќи Алкарас и Јаник Синер ги освоија последните девет грен слем турнири во низа. Последен кој славеше надвор од овој двоец беше токму Новак Ѓоковиќ на Ју-Ес опен во септември 2023 година.
Со победата над десеткратниот шампион на Австралија опен, Алкарас го зацврсти своето прво место на АТП листата, пред второпласираниот Синер, и се запиша како деветтиот тенисер во историјата со комплетиран кариерен грен слем.
Ѓоковиќ, на возраст од 38 години, се обидуваше да ја прекине серијата на Алкарас и Синер, но не успеа да стане најстариот освојувач на грен слем во Опен ерата, рекорд кој сè уште го држи Кен Роузвол. Српскиот ас останува со 24 грен слем титули.

















