На големиот настан УФЦ 325 во арената „Кудос бенк“ во Сиднеј, Александар Волкановски повторно докажа дека е непобедлив во перо категоријата. Во реваншот против Бразилецот Диего Лопез, Волкановски доминираше целосно, стигнувајќи до 28-та победа во кариерата и третата во последните шест борби.
Судиските карти јасно покажаа колку Волкановски беше убедлив: 49-46, 49-46 и 50-45. Со прецизни удари и одлична работа со нозете, тој изгледаше уште подоминантен отколку во нивната прва средба во април минатата година на УФЦ 314 во Мајами, кога исто така победи со едногласна одлука.
Волкановски истакна дека за реваншот направил некои тактички прилагодувања:
„Направив прилагодувања бидејќи очекував Лопез да биде целосно подготвен. Во последната борба ме изненади со некои движења, па сега сакав да бидам поубедлив. Знаев што ме очекува и морав да ги искористам сите мои алатки.“
37-годишниот австралиски борец со македонско потекло доминираше речиси цели 25 минути, но призна дека возраста малку се чувствува:
„Сакав да го фатам и соборам, но тој е многу силен. Верувајте ми, не сакав да се борам цели 25 минути. Но, ја завршив работата.“
Во другите борби на УФЦ 325:
- Во лесна категорија, Ден Хукер од Нов Зеланд ја победи Французинот Беноа Сен Дени со прекин во втората рунда.
- Во претходниот меч, Маурисио Руфи од Бразил беше подобар од Азербејџанецот Рафаел Физиев, исто така со прекин.
- Во тешка категорија, Талисон Тешеира од Бразил со едногласна одлука го победи Австралиецот Таи Туиваса.
Волкановски повторно ја потврди својата доминација во перо категоријата и покажа дека на домашна територија е неприкосновен шампион.

















