Авион на Италијанско воено воздухопловство денеска бил забележан како кружи над југозападниот дел од земјата, што предизвикало интерес и бројни реакции кај граѓаните.
Според податоците од апликацијата Flightradar24, станува збор за лет со ознака IAM1414, изведен со авион тип Boeing 767-2EY(ER). Леталото во одреден период кружело над подрачјето меѓу Охрид, Битола и планината Пелистер, изведувајќи повеќе елипсовидни траектории.
Авионот се движел на висина од околу 21.000 стапки и со брзина од приближно 398 јазли. Засега нема официјална информација за целта на летот, но ваквите движења најчесто се поврзуваат со тренинг-летови, технички проверки или специфични оперативни задачи.
Граѓани од регионот споделиле и фотографии на кои се гледа голем авион придружуван од помали летала, што дополнително го зголемило интересот за овој настан. Надлежните институции сè уште не излегоа со официјално соопштение, а повеќе детали се очекуваат во текот на денот.



















