Голем пожар избувна во германскиот град Кел, при што целосно беше уништена познатата дискотека „Kiss-Club“ во раните утрински часови. Во моментот кога избувнал огнот, во објектот имало околу 750 посетители.
И покрај драматичната ситуација и брзото ширење на пламените, сите присутни успеале навреме да се евакуираат. Дел од нив побарале медицинска помош поради шок и вдишан чад, но за среќа нема загинати.
Пожарот, според првичните информации од пожарникарите, започнал околу 3:45 часот наутро, најверојатно од покривната конструкција. Кога првите противпожарни екипи пристигнале на местото, објектот веќе бил целосно зафатен од огнот.
Надлежните служби започнаа истрага за утврдување на причините за несреќата. Во оваа фаза не се исклучува ниту технички дефект, ниту човечки фактор.
Иако материјалната штета е огромна и објектот е целосно уништен, брзата реакција на персоналот и посетителите спречи трагедија со многу потешки последици.



















