Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати јасна порака до сојузниците – притисокот врз Русија мора да се засили преку поостри и поефикасни санкции, во момент кога продолжуваат разговорите меѓу украинската и американската делегација за ставање крај на војната.
Средбите, кои започнаа во Флорида, се одржуваат без присуство на руски претставници. Американската страна ја предводат Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Зеленски посебно предупреди за т.н. „сенчеста флота“ – мрежа на танкери што Русија ја користи за извоз на нафта и заобиколување на санкциите. Според него, токму овие приходи ѝ овозможуваат на Москва да ја продолжи војната.
„Овие средства создаваат чувство на неказнивост. Затоа мора да се зголеми притисокот и овие бродови да се блокираат“, порача Зеленски.
Во меѓувреме, француските власти веќе презедоа конкретни чекори – по наредба на претседателот Емануел Макрон, беше запленет танкер во Средоземното Море за кој се сомнева дека е дел од оваа мрежа.
Паралелно, мировниот план поддржан од САД отвора и чувствително прашање – одржување избори во Украина и можни територијални отстапки. Доналд Трамп врши притисок врз Киев да распише избори, иако украинските закони тоа не го дозволуваат за време на воена состојба.
Зеленски најави дека избори би биле можни само доколку се обезбеди најмалку двомесечен прекин на огнот.
Сепак, поранешниот врховен командант Валериј Залужни остро се спротивстави, оценувајќи дека приоритет треба да биде мирот, а не избори во услови на војна.


















