Американскиот претседател Доналд Трамп објави нова контроверзна одлука со која ги поништува сите документи потпишани со „автопен“ во времето на неговиот претходник Џо Бајден. Според него, станува збор за околу 92 проценти од тие акти. Објавата ја соопшти преку својата социјална мрежа Truth Social.
Во изјавата, Трамп наведе дека уредот за автоматско потпишување не бил законски користен и дека соработниците на Бајден го злоупотребиле процесот:
„Секој документ потпишан од Џо Бајден со автопен, што беше приближно 92% од нив, со ова се поништува и повеќе нема никаква сила или ефект. Автопен не може да се користи освен ако е посебно овластено од претседателот.“
Трамп ја обвини администрацијата на Бајден за нелегални постапки и предупреди на можни обвиненија за лажно сведочење доколку Бајден тврди дека лично бил дел од процесот. Тој објасни дека со оваа одлука се поништуваат извршните наредби и сите други документи кои не се потпишани рачно.
Објавата буди нов политички судир во Вашингтон и отвора прашање за правната валидност на претседателските акти потпишани со автопен – уред кој во минатото бил користен и од други американски претседатели.
















