Од 1 февруари официјално започнува казнувањето преку електронскиот систем „Безбеден град“ во Скопје, Тетово и Куманово, каде што системот веќе е технички функционален. Со ова, државата влегува во нова фаза на контрола на сообраќајот, при што прекршоците ќе се евидентираат автоматски, без директен контакт меѓу возачите и полициските службеници.
Планот е системот „Безбеден град“ да се прошири на ниво на целата држава до средината на годинава, со што електронскиот надзор ќе стане клучен инструмент во зголемувањето на безбедноста во сообраќајот.
Последната законска пречка за старт на системот беше отстранета вчера, откако Собранието ги изгласа измените на Законот за прекршоци. Со ова се создадоа сите правни услови системот да почне со реално изрекување казни.
ШТО ЌЕ СЕ КАЗНУВА ВО ПРВАТА ФАЗА
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во почетната фаза „Безбеден град“ ќе санкционира четири типа сообраќајни прекршоци:
- пречекорување на дозволената брзина,
- минување на црвено светло,
- управување возило со истечена регистрација,
- непрописно запирање и паркирање.
Детектирањето на прекршоците ќе се врши целосно автоматски преку камерите и софтверот на системот, без застанување на возилото и без интервенција на полицаец на лице место.
КАЗНА НА СМС И МЕЈЛ – ПЛАЌАЊЕ СО ЕДЕН КЛИК
Возачите кои ќе направат прекршок ќе добијат известување преку СМС-порака и електронска пошта. Во пораката ќе има линк преку кој ќе може да се преземе записникот со платен налог.
Плаќањето на казната ќе биде можно и по електронски пат, што значително ја поедноставува постапката. Доколку казната се плати во предвидениот рок, нема да се пресметуваат дополнителни трошоци.
Со стартот на „Безбеден град“, институциите најавуваат построга, но и потранспарентна контрола на сообраќајот, со цел намалување на прекршоците, сообраќајните незгоди и човечките жртви на патиштата.

















