ПРВ.мк
Црна Хроника

ЕКОЛОШКА ТРЕВОГА: Отпадните води од четири општини носат отрови во Таор - еве што е пронајдено!

ЕКОЛОШКА ТРЕВОГА: Отпадните води од четири општини носат отрови во Таор - еве што е пронајдено!
Kristal

Загрижувачки концентрации на жива и сребро се регистрирани во површинските води на одводниот канал кај селото Таор, место кое минатиот ноември ја вознемири јавноста поради појавата на необична бела пена. Анализите ги спроведе Институтот за јавно здравје, по барање на АД „Водостопанство“.

Лабораториските испитувања покажале и зголемено присуство на термотолерантни колиформни бактерии и високи вредности на нитрити, што, според експертите, укажува на сериозно и долготрајно загадување на водата.

Од Државниот инспекторат за животна средина предупредуваат дека присуството на жива е особено загрижувачко, бидејќи станува збор за токсичен елемент со сериозни последици врз здравјето на луѓето и живиот свет.

„Констатирани се зголемени концентрации на жива, што претставува реален ризик. Препораката на Институтот е состојбата континуирано да се следи. Забележано е и присуство на сребро и нитрити во количества повисоки од вообичаените“, велат од Инспекторатот.

Проблемот не е изолиран случај – отпадните води од скопските општини Гази Баба, Илинден, Арачиново и Петровец се слеваат во каналот, а Скопје сè уште нема функционална пречистителна станица.

Инцидентот со белата пена беше регистриран на 21 ноември, веднаш по активирањето на пумпите од системот за одводнување на Скопско Поле. Визуелно било забележано можно хемиско загадување, кое потенцијално може да се прелее и во реката Вардар.

Иако институциите најавуваат засилен мониторинг, еколошките организации предупредуваат дека без системско решение и изградба на пречистителна станица, ваквите инциденти ќе продолжат да се повторуваат.

Случајот со Таор ја отвора темата за долгогодишната негрижа кон водните ресурси и отсуството на превентивен надзор, што најчесто резултира со констатирање на штетата дури по фактот.

FixCredit
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo