Силната бура „Ингрид“ денес предизвика сериозен хаос во западниот дел на Франција, особено во департманот Финистер, во регионот Бретања. Невремето донесе урагански ветрови, интензивни врнежи од дожд и крајбрежни поплави, поради што три департмани се ставени под портокалова временска тревога, со зголемен ризик од повеќекратни временски непогоди, објави телевизијата „BFM“.
Според податоците на Метео-Франс, регистрирани се екстремно силни налети на ветер. Во Уисан и во делови од Финистер, брзината на ветерот достигнала дури 136 километри на час. Во Бел Ил-ан-Мер измерени се налети до 119 километри на час, додека во областа Грос, во департманот Морбијан, ветерот достигнал 112 километри на час.
Обилните врнежи дополнително ја влошија состојбата. Во градот Кимпер се измерени 23,8 милиметри дожд, а метеоролозите најавуваат уште меѓу 10 и 30 милиметри врнежи во текот на денот, на веќе целосно заситената почва. Ова значително го зголемува ризикот од нови поплави и одрони.
На крајбрежјето, состојбата е особено драматична. Забележани се бранови високи и до 10 метри долж бреговите на Финистер и Морбијан, што претставува сериозна опасност за крајбрежната инфраструктура и населението. Три реки – Лаита, Блаве и Уст – остануваат под портокалово метео предупредување, поради постојан пораст на нивото на водата, особено во департманот Морбијан.
Бурата „Ингрид“ доаѓа само една недела по бурата „Горети“, која веќе нанесе значителни штети во истиот регион, што дополнително ги загрижува локалните власти и службите за заштита. Иако се очекува ветровите и врнежите постепено да ослабат до крајот на денот, надлежните предупредуваат дека опасноста од поплави, ерозија и штети на крајбрежјето и патната инфраструктура останува висока.

















