Собранието денеска со 81 глас „за“, 19 „против“ и воздржани го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците по скратена постапка, со што официјално се отвора патот за старт на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“, кој ќе почне да се применува од 1 февруари.
По барање на координаторката на „Европски фронт“, Рина Ајдари, гласањето беше номинално, што значи дека секој пратеник гласаше поединечно. За усвојување на Законот беше потребно двотретинско мнозинство, кое на крајот беше обезбедено.
Со новите законски измени се предвидува значително зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци што ќе се утврдуваат со помош на технички средства и уреди за снимање. Брзото, автоматизирано и поефикасно санкционирање на прекршителите, според предлагачите, треба да придонесе за силна генерална превенција и намалување на сообраќајните несреќи.
Законот овозможува примена на современи технологии преку систем за детектирање со технички средства и камери, кои ќе служат за брзо и прецизно регистрирање на сообраќајните прекршоци, како и за поедноставување на постапката за нивно санкционирање.
Во првата фаза од имплементацијата, системот „Безбеден град“ ќе регистрира прекршоци како што се: пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло на семафор, управување со возило со истечена важност на сообраќајната дозвола, како и непрописно паркирање. Во наредната фаза е предвидено проширување на листата на прекршоци што ќе бидат автоматски евидентирани.
Кога системот ќе биде целосно функционален, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк преку кој ќе можат да го преземат записникот со платен налог. Плаќањето ќе може да се изврши електронски, а доколку се изврши во предвидениот рок, нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За прекршоци за кои е предвидена и заштитна мерка забрана за управување со возило, Министерството за внатрешни работи ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.
Во рамките на 76. седница, пратениците го разгледуваат и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди во прво читање.
Собранието денеска ќе одржи и продолженија на две пленарни седници. Во рамките на 81. седница, на дневен ред остануваат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешните работи и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полицијата, и двата по скратена постапка.
Дополнително, на дневен ред на 20. седница е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебен регистар за лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, кој се разгледува во прво читање.

















