Европските влади дојдоа до тежок и вознемирувачки заклучок: САД повеќе не се сигурен партнер, туку се перцепираат како „лошите момци“. Според изјави на девет дипломати од Европската унија, ова размислување сега доминира во речиси сите земји членки. Станува збор за претставници од држави со различно историско ниво на блискост со Вашингтон, кои јасно посочуваат дека токму во земјите што традиционално имале најсилни врски со САД, разочарувањето е најизразено.
Чувството на страв, недоверба и скептицизам не исчезнало, и покрај тоа што беше одржан вонреден самит на ЕУ и покрај најавата на Доналд Трамп дека засега нема да воведува царини за европските земји. Напротив, тензиите продолжуваат да растат.
Плановите на американскиот претседател во врска со Гренланд, кои ги изложи на Светскиот економски форум во Давос, каде побара „непосредни преговори“ за купување на островот, за многу европски лидери претставуваат моментот кога чашата се прелеа. Во текот на првата година од неговиот втор мандат, европските лидери се држеа за надежта дека нивните најцрни стравови нема да се остварат, особено имајќи предвид дека САД од 1945 година се темел на европската безбедност.
Но, како што изјави поранешниот генерален секретар на НАТО и поранешен дански премиер Андерс Фог Расмусен за Би-Би-Си, времето за љубезност поминало и „дошол моментот Европа да му се спротивстави на Трамп“.
Неколку европски дипломати, со кои разговарал „Политико“ под услов на анонимност, признаваат дека се чувствуваат лично изневерени. Дел од нив студирале и работеле во САД или биле гласни поддржувачи на силни трансатлантски односи.
„Нашиот американски сон е мртов. Доналд Трамп го уби“, изјавил дипломат од земја која важела за еден од најголемите поддржувачи на соработката со САД во рамки на ЕУ.
Ова колективно европско освестување се очекува јасно да се одрази на наредните самити, но и во јавните и приватните изјави на европските лидери. Францускиот претседател Емануел Макрон веќе го навести тоа во Давос, истакнувајќи дека Европа располага со „многу силни алатки“ и дека мора да ги користи „кога не нè почитуваат и кога правилата на играта се кршат“.
Говорот на Трамп во Давос, во кој Гренланд го нарече „наша територија“, дополнително ги влоши односите. Иако тој изјави дека нема намера да користи воена сила за преземање на островот, владите во ЕУ тоа не го доживеаја како повлекување, туку како потврда на неговите намери и непријателскиот тон кон Европа.
Иако Трамп подоцна се повлече од заканите за воведување царини за осум европски земји кои ги сметал за пречка во врска со Гренланд, според дипломатите, штетата веќе беше направена.
Германскиот вицеканцелар Ларс Клингбајл изјави дека, без оглед на тоа каков договор ќе биде постигнат меѓу генералниот секретар на НАТО Марк Руте и Трамп, Европа повеќе не смее да седи со скрстени раце и да се надева дека ситуацијата сама ќе се смири.
Еден европски дипломат откри дека моментот кога Трамп отворено се закани со царини бил точката кога расколот станал „реален“. Друг додаде дека, без разлика дали притисокот ќе трае неколку месеци или подолго, говорот на Трамп оставил длабок белег и материјал за сериозно преиспитување.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја сумираше состојбата со јасна порака: „Светот трајно се промени и ние мора да се менуваме заедно со него“.
Во еден момент, пред Трамп да ги повлече заканите за царини, лидерите на ЕУ биле подготвени да побараат активирање на најмоќното трговско оружје на Унијата – Инструментот против принуда (ACI), познат како „големата базука“. Овој механизам беше создаден во 2023 година за одбрана од економски притисоци од непријателски држави, пред сè Кина. Идејата дека би можел да се употреби против САД, до неодамна била незамислива.
„Сведочиме на голем распад на светскиот поредок“, изјавил висок европски претставник од земја која важела за клучен американски сојузник.
Проценката дека САД повеќе не се сигурен партнер се градела постепено. Првиот сериозен шок се случил кога администрацијата на Трамп ја објави Стратегијата за национална безбедност, во која најави поддршка за „патриотски европски партии“ на штета на самата ЕУ.
Потоа следеше обновената реторика за анексија на Гренланд, американскиот амбасадор на Исланд беше нарекуван гувернер на „52. американска држава“, а Трамп испратил писмо до норвешкиот премиер во кое навел дека недобивањето Нобелова награда за мир значи дека повеќе нема да се чувствува обврзан да размислува исклучиво за мир.
Некои дипломати ја споредуваат сегашната ситуација со периодот пред Втората светска војна. „Мислам дека го поминавме Минхен“, изјавил еден од нив, алудирајќи на договорот од 1938 година кога европските сили го „умирија“ Хитлер.
Особено болна е ситуацијата за Данска, која Трамп јавно ја нарече „неблагодарна“. Копенхаген е шокиран, имајќи предвид дека со децении беше еден од најлојалните сојузници на САД, испраќајќи војници во најопасните мисии, вклучувајќи ја и провинцијата Хелманд во Авганистан, каде Данска претрпе големи човечки загуби.
„Толку многу од нас студираа во САД, сите сакавме да работиме таму. Ова е чиста издаја“, изјавил еден дански функционер.

















