Помина една година од трагичната смрт на младата Фросина Кулакова, која го загуби животот откако беше усмртена на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“. Болката не стивнува, а семејството со длабока тага и љубов најави помен и упати јавен повик за молитва, сеќавање и почит кон животот што прерано згасна.
Во сабота, на 24 јануари 2026 година, со почеток во 11:00 часот, на градските гробишта во Неготино ќе се одржи едногодишен помен во чест на Фросина. Семејството ги повикува сите кои ја познаваа, ја сакаа и ја носат во срцето, да дојдат, да запалат свеќа и да се помолат за нејзината душа.
Во емотивната објава што ја сподели семејството, болката и празнината се преточени во зборови полни љубов и тага:
„Во сабота на 24.01.2026 година, една година помен на нашата ќерка – твојата, мојата, вашата. Чедото кое го откинаа од своето семејно гнездо. Ангелот на кого му ги скршија крилјата кои носеа насмевки и светлина. Една година од заминувањето на ангелот кој сега е во рајската градина, каде што сите ангели вечно живеат – во нашите срца, во мислите и во душата.“
Семејството упати апел до сите кои можат да се помолат за Фросина и да ѝ го „осветлат небото“ со палење свеќа на нејзиното вечно почивалиште. Тие порачаа дека молитвите ќе ги испратат заеднички, кон светлината која никогаш нема да згасне.
„Една година помина. Но за нас – не помина ништо. Болката не се мери со време, туку со празнината што останува засекогаш. Фросина не беше само млад живот. Таа беше светлина, добрина, чистина, милина и љубов. Таа беше центарот на нашето семејство“, стои во пораката.
Родителите, братот, роднините, пријателите и сите кои ја сакаа Фросина се повикани да не дозволат таа да биде заборавена. „Да не биде сама во споменот. Никогаш“, порачува семејството, завршувајќи со зборовите: „Вечна ти слава, Фросинче наше. Биди најмила при Бога, како што беше и овде со нас. Тато, мама и Бато – те сакаат бескрајно.“
Фросина Кулакова го загуби животот откако беше смртно прегазена од 20-годишниот Васил Јованов, кој управувал возило под дејство на алкохол, без возачка дозвола и со брзина од 91 километар на час, минувајќи на црвено светло на булеварот „Партизански одреди“.
За трагедијата што ја потресе јавноста, судијката Снежана Марковска изрече казна од 12 години затвор за Васил Јованов, пресуда која следеше по силниот јавен притисок и барањата за правда.
Една година подоцна, болката останува иста, а името на Фросина продолжува да живее како симбол на прерано прекинат млад живот и опомена што не смее да се заборави.

















