ПРВ.мк
Спорт

Скандал што го тресе македонскиот фудбал - Сериозни сомнежи дека мечот Работнички 8:2 Охрид бил наместен

Скандал што го тресе македонскиот фудбал - Сериозни сомнежи дека мечот Работнички 8:2 Охрид бил наместен
Kristal

Убедливиот и неочекуван пораз на ФК Охрид од Работнички со 8:2 отвори лавина сомнежи и прашања за регуларноста на натпреварот, кој веќе се најде под лупа на фудбалската јавност. Особено загрижува фактот што охридскиот клуб е лидер во Втора МФЛ по првата полусезона, додека Работнички се бори за опстанок во Првата лига – сооднос кој никако не се поклопува со конечниот резултат.

Според неофицијални информации, до Фудбалската федерација на Македонија е доставена пријава во која се наведува дека натпреварот бил одигран под сомнителни околности. Во неа се тврди дека дел од примените голови не биле последица на спортска инфериорност, туку на очигледен недостиг од ангажман и сериозен натпреварувачки пристап кај фудбалерите на Охрид.

Дополнителен аларм доаѓа од обложувачките кругови, каде наводно биле регистрирани невообичаено високи влогови за време на натпреварот, особено на пазари поврзани со бројот на голови во одредени делови од мечот. Според истите извори, вкупната сума на вложени средства надминува 70.000 евра, што сериозно ја поткопува тезата за случајност.

Како особено чувствителен сегмент се наметнува улогата на раководството на ФК Охрид. Се поставуваат тешки прашања дали непосредно пред натпреварот, во отсуство на тренерот, на фудбалерите им било кажано дека мечот „не е толку важен“, како и дали им биле дадени насоки поврзани со резултатот на полувреме и вкупниот број на голови. Наводно, и на паузата биле издадени слични инструкции, повторно без присуство на стручен штаб.

Доколку овие наводи се потврдат, станува збор за исклучително сериозен случај кој не само што го компромитира конкретниот натпревар, туку фрла сенка врз целиот македонски фудбал. Неофицијално се дознава дека дел од актерите веќе дале искази, додека важно е да се нагласи дека, според досегашните информации, ФК Работнички не се поврзува со никакви нерегуларни дејствија.

Сите сомнежи се насочени кон постапките на поединци во рамки на ФК Охрид, клуб кој во најголем дел се финансира со јавни средства од Општина Охрид. Токму затоа, овој случај ја надминува спортската рамка и станува прашање на јавна одговорност, отчетност и заштита на угледот на градот.

Дополнително ја влошува сликата и информацијата дека за ФК Охрид веќе постоела пријава за сличен настан во првиот дел од сезоната, што отвора сомнеж дека не станува збор за изолиран инцидент.

Пред надлежните институции сега стои сериозен тест. ФФМ ќе мора решително да постапи и јасно да покаже дека за манипулации, притисоци и нечесни игри нема место во македонскиот фудбал. Довербата во најпопуларниот спорт може да се врати само ако правилата важат подеднакво за сите.

Фудбалот мора да биде чист!

FixCredit
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo