Проектот за изградба на затворениот пливачки базен во Охрид е под сериозна лупа, а првичните наоди укажуваат на сериозни пропусти и можен криминал. Ова го соопшти министерот за спорт Борко Ристовски во гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, нагласувајќи дека во моментов се спроведува стручно вештачење кое треба да биде доставено до Јавното обвинителство.
Според Ристовски, најголемите проблеми се лоцирани во делот на машинските инсталации, поради што договорот со досегашниот изведувач е раскинат. Министерството веќе започнало процес на целосно ново проектирање, бидејќи условите и стандардите значително се разликуваат од оние во времето кога започнала изградбата.
Министерот посочи дека првичниот проект предвидувал базенот да се снабдува со вода директно од локалниот водоводен систем, со дополнителна обработка и загревање. Таквото решение, како што истакна, би можело сериозно да го загрози редовното водоснабдување на граѓаните на Охрид. Затоа, новото проектно решение предвидува користење современ систем за загревање со воздух, што е поодржливо и посоодветно за локалните услови.

Во процесот на изработка на новиот проект биле вклучени и надворешни експерти, а штом документацијата биде финализирана, таа веднаш ќе биде вклучена во програмата за реализација.
Изградбата на базенот започна уште во 2015 година, со рок за завршување до 2018, кој подоцна неколкупати беше пролонгиран. И покрај бројните најави, објектот и натаму не е ставен во функција, оставајќи го Охрид без затворен пливачки базен кој со години е само нереализирано ветување.

















