Скандалозни и вознемирувачки сцени го засенија Државното првенство во борење во Бугарија, што се одржуваше во Сливен. Наместо спортски дух, финалето во грчко-римски стил во категоријата до 72 килограми заврши со вистински хаос во салата.
По завршувањето на борбата, натпреварувачот Иво Илиев бурно реагирал на одлуката на судиите. Видно бесен, тој ја удрил и оттурнал судиската маса, со што ја зголемил напнатоста меѓу присутните. Наместо ситуацијата да се смири, следувала неочекувана ескалација.
Неколку моменти подоцна дошло до директен физички конфликт, при што судијката Елина Васева, според видеоснимките што кружат на социјалните мрежи, го удрила борачот во пределот на лицето. Инцидентот предизвика шок кај публиката и учесниците, а атмосферата во салата стана крајно напната.
Во целата збрка се вмешала и мајката на натпреварувачот, што дополнително ја влошило ситуацијата. Настанал метеж, а дел од присутните се обиделе да ја смират расправијата.
Организаторите и обезбедувањето реагирале брзо и интервенирале за да го прекинат инцидентот и да спречат посериозни последици. Засега нема официјални информации за евентуални санкции, но се очекува Бугарската боречка федерација да го разгледа случајот.
Снимката од инцидентот предизвика лавина реакции на интернет и отвори сериозна дебата за однесувањето на спортистите и судиите на спортските натпревари.

















