Авто-мото сојузот на Македонија информира дека утрово на повеќе делови од државата е забележана значително намалена видливост поради појава на магла, што може сериозно да влијае врз безбедноста во сообраќајот, особено за оние кои патуваат во раните часови.
Според последните информации, магла со ограничена видливост има во околината на Смојмирово и на патниот правец кон Буково, каде што видливоста е намалена до околу 50 метри. Во регионот на Ѓавато таа изнесува до 80 метри, во Струмица до 100 метри, во Тетово до 40 метри, во Петровец до 150 метри, додека во Делчево видливоста е сведена на околу 50 метри.
Од АМСМ посочуваат дека и покрај ваквите услови, сите државни патишта во моментов се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива без поголеми застои, но поради временските услови и појавата на снег на одредени делници, се апелира на зголемена внимателност и одговорно однесување зад воланот.
„Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерството за транспорт се спроведуваат координирани активности со цел да се овозможи непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“, информираат од АМСМ.
Надлежните служби упатуваат апел до сите возачи да управуваат со возилата внимателно и совесно, задолжително да користат зимска опрема, строго да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да ја прилагодат брзината според моменталните услови на патиштата.
Дополнително, на сите учесници во сообраќајот им се препорачува навремено да се информираат преку информативните центри за состојбата и условите на државните патишта, со цел безбедно и навремено да го планираат своето патување.

















