Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека Владата презема мерки за ублажување на ценовниот шок кај горивата, кој произлегува од глобалната криза и воените конфликти на Блискиот Исток.
Тој истакна дека зголемувањето на цените на нафтата и нафтените деривати сериозно го оптоварува семејниот буџет на граѓаните, додавајќи дека слични предизвици се присутни и во голем број европски држави.
„Не сме исклучок од светската криза. Сите европски држави се соочуваат со ценовни шокови кај горивата, а постои и ризик од поскапување на електричната енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Владата постојано ја следи состојбата и е во координација со компаниите за дистрибуција на нафта и нафтени деривати. Според него, државата досега успеала да обезбеди релативно пониски цени на горивата за граѓаните.
Во моментов, цените се следни: 95-октански бензин – 86,5 денари по литар, 98-октански бензин – 88,5 денари, а дизел – 92 денари по литар.
Сепак, според анализите на берзите, постои ризик од значително поскапување. Без интервенција, бензините би поскапеле за околу 6,5 денари по литар, додека дизелот би се зголемил за околу 10,5 денари, што би го довело ценовното ниво на бензините до околу 93,9 денари, а дизелот до над 102 денари по литар.
Како мерка за ублажување на ефектот од поскапувањето, Владата одлучи да го намали ДДВ за бензин и дизел од 18 на 10 проценти.
„Со оваа мерка очекуваме цената на бензините да остане непроменета, додека дизелот би поскапел за околу три до три и пол денари по литар“, додаде Мицкоски.
Дополнително, Владата веќе преговарала со компанијата OKTA, која одобри попуст од два денари по литар за трговците со гориво. Премиерот очекува дополнителни разговори за можност попустот да се зголеми, со што би се намалиле цените на бензините за околу три денари, додека дизелот би останал на сегашното ниво од 92 денари.
Мицкоски потенцираше дека Владата има подготвено повеќе сценарија за случај кризата да продолжи или да се продлабочи, со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните.


















