Иран издал нова воена директива со која неговите сили се ставаат во висока готовност за можен копнен напад од САД, вклучително и сценарија за урбани борби и справување со внатрешни безбедносни закани.
Според информациите, директивата им дава пошироки овластувања на воените и безбедносните единици да дејствуваат самостојно, дури и без директни наредби од централната команда – пристап што во Техеран се опишува како „пукај по волја“.
Документот, подготвен од иранскиот Генералштаб и усогласен со највисоките државни структури, предвидува зголемена подготвеност, заштита на клучната инфраструктура и распоредување на силите во чувствителни региони, особено во главниот град Техеран и другите големи урбани центри.
Паралелно, иранските власти разгледуваат и офанзивни сценарија. Во случај на американска копнена интервенција, се споменува можност за преземање на крајбрежни делови од Обединети Арапски Емирати и Бахреин, како дел од поширока стратегија за одговор.
Освен надворешната закана, директивата открива и сериозна загриженост од потенцијални внатрешни немири и активности на вооружени групи, особено во западните и источните делови на земјата.
Аналитичарите оценуваат дека целосна копнена инвазија врз Иран би била исклучително сложена и ризична, но не ја исклучуваат можноста за ограничени операции – како заземање стратешки острови или позиции во близина на Ормутски теснец.
Овие подготовки доаѓаат во момент на засилена воена активност и остра реторика меѓу Техеран и Вашингтон, што дополнително ја зголемува неизвесноста околу следниот чекор во конфликтот.



















