ПРВ.мк
Топ Вести

СЗО со нови податоци: Потврдени 6 случаи на хантавирус - еве уште во колку се сомневаат!

СЗО со нови податоци: Потврдени 6 случаи на хантавирус - еве уште во колку се сомневаат!

Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека досега се регистрирани шест лабораториски потврдени случаи на хантавирус, откако на крузерот „MV Hondius“ во Атлантскиот Океан избувнала зараза која предизвика меѓународна тревога.

Според официјалните податоци, од вкупно осум сомнителни случаи, шест се потврдени како инфекција со хантавирус, додека преостанатите два се водат како веројатни случаи. Во истото соопштение СЗО наведува дека три лица починале, што ја зголемува стапката на смртност на околу 38 проценти.

Сите потврдени случаи се поврзани со вирусот од типот Анда, кој е познат по тоа што може да се пренесува меѓу луѓето, што дополнително ја зголемува загриженоста кај здравствените власти.

Моментално четири пациенти се хоспитализирани и се наоѓаат во различни здравствени установи. Еден пациент е во интензивна нега во Јоханесбург, Јужноафриканска Република, двајца се лекуваат во болници во Холандија, а еден пациент се наоѓа во Цирих, Швајцарија.

Дополнително, СЗО потврди дека едно лице кое било хоспитализирано во Диселдорф, Германија, по понатамошни тестирања е негативно на вирусот и повеќе не се смета за случај во оваа епидемија.

Крузерот „MV Hondius“, кој патувал на рута од Аргентина кон Зеленортските Острови, е во центарот на истрагата откако се појавиле првични сомнежи за инфекција кај патниците. Тројца од нив починале во текот на развојот на болеста, што дополнително ја алармираше меѓународната здравствена заедница.

СЗО продолжува да ја следи состојбата и ја истражува можноста за понатамошно ширење на вирусот меѓу патниците и контактните лица, додека здравствените служби во повеќе земји се ставени во зголемена готовност.