Кон крајот на март или најдоцна на почетокот на април во Србија ќе биде пуштена во работа голема фабрика за беспилотни летала, најави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ. Изјавата ја даде на свеченоста по повод поставувањето камен-темелник за изградба на новата зграда на Министерството за одбрана и Генералштабот на српските вооружени сили, во касарната „Бањица“ во Белград.
Според Вучиќ, станува збор за проект од исклучително значење за одбранбената индустрија и за капацитетите на српската армија, при што во новата фабрика ќе се произведуваат високософистицирани беспилотни летала од најнова генерација.
– Вложуваме многу и со голема одговорност. Кон крајот на март, а најдоцна до почетокот на април, очекувам отворање на првата голема фабрика за беспилотни летала во нашата земја. Со гордост можам да кажам дека нема да станува збор за стандардни модели, туку за високоразвиени и технолошки напредни дронови – изјави Вучиќ.
Тој појасни дека производството нема да се однесува на досегашните модели „Комарец 1“ или „Комарец 2“, кои веќе се користат, туку на сосема нова генерација беспилотни летала, развиени со силна меѓународна технолошка поддршка и со значителен странски ангажман.
Покрај фабриката за дронови, Вучиќ најави и пошироки инвестиции во воената инфраструктура. Според неговите зборови, во наредниот период ќе бидат изградени нови објекти за потребите на српската армија со вкупна површина од околу 50.000 квадратни метри.
Изградбата на овие капацитети, како што најави, треба да биде завршена во рок од три години, односно до крајот на 2028 година, со што Србија значително ќе ги унапреди своите одбранбени и производствени способности во сферата на современата воена технологија.
















