Источниот брег на Кина е на удар на моќниот тајфун „Делфин“, кој според најавите на Националниот метеоролошки центар треба да го погоди копното во текот на попладневните и вечерните часови со разорни ветрови кои достигнуваат налети до 162 километри на час, по што се очекува да ослабне додека се движи кон внатрешноста.
Како мерка на претпазливост, кинеските власти наредија повеќе од 500 бродови да се повлечат и да се вратат во шангајското пристаниште Јангшан. Исто така, на безбедно се преместени работниците од крајбрежјето, а засилени се и контролите на критичните точки како акумулациите, градилиштата, планинските потоци, подрачјата подложни на свлечишта и туристичките локации.
Пред да се упати кон Кина, тајфунот „Делфин“ ја зафати јапонската префектура Окинава, каде што беа повредени шест лица, а над 50.000 домаќинства и корисници останаа без струја.









