Екстремните топлотни бранови и рекордно ниските водостои на реките во Европа започнаа сериозно да влијаат врз работата на нуклеарните централи, принудувајќи ги операторите на намалување на производството на електрична енергија, пишува Дојче Веле (DW).
Така, во унгарската нуклеарна централа Пакш, која обезбедува околу 40 отсто од електричната енергија во земјата, поради ниското ниво на Дунав во моментов работи само една од четири турбини, а централата била пред целосно исклучување. Слично е и во Словенија, каде нуклеарната централа Кршко поради високите температури и намалениот водостој на Сава го намали капацитетот на реакторот на 80 отсто, со можност за дополнителни ограничувања.
Сепак, најголем предизвик за европскиот енергетски пазар претставува Франција, која најмногу се потпира на нуклеарната енергија. Иако годишните загуби во производството генерално изнесуваат под еден процент (или околу 1,5 отсто во екстремната 2003 година), краток период на големи жештини предизвикува огромни флуктуации. За време на топлотните бранови кон крајот на јуни и средината на јули 2026 година, француските централи морале привремено да ја намалат достапната моќност за осум до девет гигавати, што претставува дури една петтина од нормалното летно производство на земјата. Овие краткорочни ограничувања директно се одразуваат врз стабилноста на енергетските мрежи и цените на електричната енергија ширум Европа.









