И покрај зголемувањето на цената на електричната енергија, лебот и белите пецива во штипските пекарници засега нема да поскапуваат. Николче Малинов, сопственик на една од локалните пекарници, појаснува дека во моментот нема услови што би налагале корекција на ценовникот.
Пекарите располагаат со доволни количини брашно и засега нема најава за поскапување на оваа суровина или на другите енергенси. „Струјата е минимално поскапена, но тоа нема да влијае врз крајната цена на производите. Ќе го покриеме преку други заштеди во работењето“, додава Малинов.
Дополнително, олеснување за пекарниците претставуваат законските измени кои им дозволуваат на пензионерите да работат, со што се намалува проблемот со недостигот на работна сила. Дел од вработените се враќаат и од странство, особено од Хрватска.
Во моментов, цената на лебот во Штип се движи околу 30 денари, во зависност од грамажата и квалитетот, и според пекарите, таа ќе остане непроменета и во наредниот период.
















