Рускиот претседател Владимир Путин следната недела ќе отпатува во Алјаска на средба со американскиот претседател Доналд Трамп – без страв од апсење, иако Меѓународниот кривичен суд (МКС) во 2023 година издаде налог за негово апсење заради воени злосторства, вклучително и незаконска депортација на украински деца. Причината е што ниту Русија ниту САД не се потписнички на Римскиот статут, основниот документ на МКС.
По издавањето на налогот, Путин ги ограничи своите патувања, избегнувајќи држави членки на МКС кои би можеле да го уапсат. Сепак, во 2023 година отпатува во Монголија, која иако е членка на судот, се повика на дипломатскиот имунитет на шефови на држави. МКС го отфрли тој аргумент, потсетувајќи дека обврската за апсење важи без оглед на официјалниот статус.
САД, пак, не само што не го признаваат МКС, туку годинава и воведоа санкции против него, откако судот издаде налози за апсење на израелски лидери. Според американските закони, за Путин да влезе во земјата, Министерството за финансии ќе треба привремено да ги укине санкциите против него – чекор кој, според некои аналитичари, би можел да биде политичка победа за Москва.
Планираната средба во Алјаска има цел да се разговара за прекин на војната во Украина. Таа се одржува во период кога Трамп најавува нови санкции кон Русија и нејзините трговски партнери, доколку не се постигне договор за крај на конфликтот кој трае веќе повеќе од три години.