Земјотрес со јачина од 5 степени рано утрово ја погоди областа Гранада во јужна Шпанија. Засега нема информации за повредени лица, но на повеќе места е регистрирана материјална штета.
Епицентарот на земјотресот бил во близина на местото Алхендин, на длабочина од само два километри. Потресот бил почувствуван и во неколку други шпански провинции.
Претседателот на владата на Андалузија, Хуанма Морено, соопшти дека зад жителите на Гранада е „ноќ на вознемиреност“ и ги повика граѓаните да останат смирени и да бидат внимателни во близина на оштетени фасади и покриви.

По земјотресот, службата за итни случаи 112 примила повеќе од 200 повици од граѓани.
Шпанскиот Национален географски институт првично ја проценил магнитудата на 4,8, но подоцна ја коригирал на 5 степени.
На повеќе локации се регистрирани одрони, како и паѓање делови од фасади и покриви. Во Лас Габиас превентивно била евакуирана една зграда поради сомневање дека претрпела оштетувања, додека во Хујетор Вега бил регистриран прекин во снабдувањето со електрична енергија.
Властите во Гранада соопштија дека засега нема сериозни или широко распространети оштетувања, но проверките на објектите продолжуваат.









