Нов инцидент е регистриран во Ормуската Теснина, еден од најважните светски коридори за транспорт на нафта и гас, каде што биле погодени два брода.
Танкер во сопственост на државната нафтена компанија на Абу Даби, АДНОК, бил нападнат синоќа додека минувал низ теснината, објавија државните медиуми во Обединетите Арапски Емирати. Според првичните информации, во нападот нема повредени.
Ова е трет напад врз бродови управувани од АДНОК во овој критичен воден пат во период од само една недела.
Обединетите Арапски Емирати претходно го обвинија Иран за нападите врз нивните бродови, но засега нема официјален коментар од властите во Абу Даби за тоа кој стои зад најновиот инцидент.
Во меѓувреме, британскиот Центар за поморски трговски операции соопштил дека во Ормуската Теснина бил погоден и товарен брод, при што според првичните информации станувало збор за ракетен напад.
Состојбата во теснината останува исклучително тензична, а поморскиот сообраќај е практично запрен од почетокот на војната со Иран на 28 февруари. Ормуската Теснина има огромно значење за глобалниот енергетски пазар бидејќи низ неа вообичаено минува значителен дел од светската трговија со нафта.









