Зрак надеж се појави во Колумбија речиси четири дена по разорниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени. Спасувачките екипи пронашле жив маж под урнатините на срушен хотел во градот Перејра и започнале тешка операција за негово извлекување.
Според последните податоци на властите, бројот на загинати во катастрофата достигна 285, речиси 4.000 лица се повредени, а околу 400 сè уште се водат како исчезнати.
Земјотресот ја погоди Колумбија во понеделникот наутро, а епицентарот бил во Сан Хозе дел Палмар, во покраината Чоко. Силниот потрес урнал станбени објекти и предизвикал големи оштетувања на куќи, училишта и болници во западниот дел на земјата.
Во Перејра, спасувачите продолжуваат да се пробиваат низ огромни количества бетон и свиткан метал во надеж дека ќе пронајдат уште преживеани.
„Можно е да има уште живи луѓе, ние веруваме во тоа“, изјавил спасувачот Џон Бедоја за телевизијата „Каракол“.
Иако потрагата по преживеани постепено се намалува и дел од екипите се пренасочуваат кон расчистување на урнатините, пронаоѓањето на мажот по речиси четири дена повторно ја разбуди надежта.
Десетици илјади домови се оштетени или целосно уништени, а голем број жители се принудени да престојуваат во импровизирани засолништа или на отворено. Дополнителен ризик претставуваат последователните потреси кои продолжуваат да го погодуваат регионот.
УНХЦР предупреди дека катастрофата може да предизвика и нов бран раселување, особено меѓу луѓето кои и пред земјотресот биле принудени да ги напуштат своите домови.









