Украинскиот претседател Володимир Зеленски упати ново остро предупредување до меѓународната заедница, тврдејќи дека Русија не планира да ја запре војната во Украина и дека веќе се подготвува за следна агресија на европскиот континент.
Според Зеленски, Москва интензивно го зголемува производството на оружје и се подготвува за можен нов конфликт во 2029 или 2030 година.
„Со оглед на ситуацијата на бојното поле, не гледаме дека Русија сака да сопре. Кога ја анализираме нивната воена индустрија, гледаме дека производството расте – тоа значи дека тие сакаат да ја продолжат оваа војна,“ изјави украинскиот лидер на својот канал на Телеграм, пренесе Укринформ.
Зеленски предупреди дека следната цел на Москва би можела да биде една од европските држави што во моментов ѝ дава поддршка на Украина, и повторно апелираше до западните сојузници да ја зголемат воената и економската помош за неговата земја.
„Ако светот дозволи Русија да победи во Украина, тогаш никој во Европа нема да биде безбеден,“ порача Зеленски.
















