Европол објави дека е спречен план за киднапирање на познат албански нарко бос, по голема меѓународна полициска акција во која биле уапсени шестмина добро обучени платеници.
Според извештајот, меѓу уапсените имало поранешни припадници на Француската легија на странци. Тие биле ангажирани од криминална група за да го киднапираат водачот на сопернички клан, кој наводно украл неколку тони марихуана вредна милиони евра.
Акцијата, координирана од Европол и предводена од германската полиција, вклучувала учество на агенции од Данска, Франција, Латвија и Обединетото Кралство.
Првите две апсења се случиле уште во октомври 2024 година во Германија, додека останатите четворица платеници биле уапсени на 12 ноември 2025 година. Кај нив била пронајдена професионална воена опрема и докази за платенички ангажман.
Европол предупреди дека случајот претставува дел од нов опасен тренд во организираниот криминал, познат како „насилство како услуга“, при што криминални групи вработуваат обучени поранешни војници или полицајци за ликвидации, киднапирања и други насилни операции.
















