Франк Каприо, човекот кој ја врати вербата во правдата преку својата човечност и добрина во судницата, почина на 88-годишна возраст по борба со рак. Веста беше потврдена на неговиот официјален Инстаграм-профил, каде беше истакнато дека Каприо заминал мирно, оставајќи зад себе наследство полно со љубов, топлина и хуманост.
Неговата смиреност, насмевка и искрена добрина му донесоа светска слава, особено откако во 2017 година видеа од неговите постапки во судницата во Провиденс, Род Ајленд, станаа вирални. Наместо строгост, тој покажуваше разбирање – дозволувајќи децата на обвинетите да учествуваат во донесување на одлуки, мотивирајќи млади ученици да продолжат со школување во замена за укинување казни и создавајќи флексибилни планови за луѓето кои финансиски се мачеа.
„Под мојата судска облека не носам значка, туку срце“, ќе изјави Каприо, објаснувајќи ја својата филозофија за правдата.
До последен момент, остана ист – само еден ден пред неговата смрт, сподели видео со насмевка и порака во која бара молитви.
Франк Каприо ќе остане запаметен како судија кој не ја мери правдата само со законот, туку и со човечноста.