Турските власти не дозволија пристанување на крузер со американски ЛГБТК+ патници, образложувајќи дека одлуката е донесена со цел да се заштитат, како што наведуваат, „моралните стандарди“ и „семејните вредности“. Информацијата ја потврди извршниот директор на компанијата што ја организира крстаречката тура.
Крузерот „Атина до Венеција“, кој испловил од Грција на 5 јули, според првичниот план требало да пристигне во турското пристаниште Кушадаси, а потоа да продолжи кон Истанбул. Патувањето го организира компанијата „Атлантис Ивентс“, специјализирана за туристички патувања наменети за ЛГБТК+ заедницата.
Сепак, локалните власти во Турција ја поништиле дозволата за пристанување. Во образложението наведуваат дека бродот бил резервиран од група која, според нивната оценка, „не е компатибилна со општествените и моралните вредности“ во земјата.
По оваа одлука, организаторите биле принудени да ја изменат маршрута на патувањето. Наместо во Турција, крузерот ќе се закотви во Каиро, Египет, како и на грчкиот остров Крит.
Претседателот и извршен директор на „Атлантис Ивентс“, Рич Кембел, изјави дека ова е првпат во 36-годишното работење на компанијата да им биде забранет влез во некоја земја поради идентитетот на групата патници.
Тој нагласи дека нивната компанија не се занимава со политички активности и дека целта на патувањата е исклучиво туризам.
„Не сме политичка организација. Патуваме за да ги посетиме дестинациите, да ја запознаеме локалната култура и да придонесеме кон локалната економија преку туризмот“, изјавил Кембел.
Во меѓувреме, властите во турската покраина Ајдин, каде што се наоѓа пристаништето Кушадаси, порачаа дека нема да дозволат групата да ја посети покраината во рамки на ова патување.
Дополнително, властите во Истанбул соопштија дека полицијата извршила контрола во еден бар поради наводна реклама за забава поврзана со крстарењето. Од „Атлантис Ивентс“ ги негираа тие наводи и соопштија дека спорната брошура не е нивна.
Одлуката доаѓа во период кога организациите за човекови права со години предупредуваат на заострување на реториката кон ЛГБТК+ заедницата во Турција. Од 2015 година, властите редовно ги забрануваат Парадите на гордоста во Истанбул, најчесто повикувајќи се на причини поврзани со јавниот ред и безбедност.
На ова десетдневно крстарење се очекуваат околу 1.900 патници, од кои приближно 1.100 се од Соединетите Американски Држави, а останатите пристигнуваат од Обединетото Кралство, Канада, Австралија и други земји. Програмата на патувањето вклучува повеќе медитерански дестинации, меѓу кои се грчките острови, како и хрватските градови Дубровник и Задар.







