Најмалку две лица загинаа, а повеќе од 40 се повредени во тешката несреќа што се случи на аеродромот Ла Гвардија во Њујорк, кога авион на Air Canada при голема брзина се судрил со возило на итните служби.
Првичните информации од истрагата укажуваат дека до трагедијата најверојатно дошло поради сериозна грешка во контролата на летање, односно во комуникацијата со контролниот торњ.
Признание што ја замрзнува крвта
Само 18 минути по несреќата, бил снимен аудио разговор во кој контролорот на летање, видно потресен, признава: „Згрешив... имавме итна ситуација... се обидов да ги добијам... згрешив.“ Ова признание може да биде клучно во утврдувањето на одговорноста.
10 секунди што го променија текот на настаните
Драмата започнала кога друг авион на United Airlines пријавил чад во кабината. Итно било испратено противпожарно возило, кое добило дозвола да ја премине пистата.
Во исто време, авионот на Air Canada добил дозвола за слетување на истата писта. Кога контролорот ја сфатил грешката, било предоцна – авионот, движејќи се со околу 167 км/ч, директно удрил во возилото.
Неверојатно преживување
Една од најшокантните приказни е онаа на стјуардесата Соланж Трембле, која од силината на ударот била исфрлена од авионот заедно со седиштето. Таа била пронајдена на околу 100 метри од местото на судирот. И покрај повеќекратните скршеници на нозете, таа не е во животна опасност.
„Сами се спасувавме“
Патниците сведочат за сцени на паника и хаос. Еден од нив опишал дека по ударот сите почнале да врескаат, додека крв имало насекаде.
– Не чекавме инструкции, сами ги отворивме излезите и излеговме на крилото – раскажала една патничка, опишувајќи ги моментите на страв и борба за преживување.
Клучни факти од трагедијата
Во несреќата загинале двајца пилоти, меѓу кои и идентификуваниот Антоан Форест, додека десетици патници биле хоспитализирани. Ова е прва ваква несреќа со жртви на аеродромот Ла Гвардија по повеќе децении.
Аеродромот бил целосно затворен, стотици летови биле откажани, а истрагата е во тек. Црните кутии се пронајдени неоштетени, што се очекува да помогне во целосно расветлување на причините за оваа трагедија.


















