Европската Унија најави нов чекор во модернизацијата на граничните контроли со воведување на мобилната апликација „Travel to Europe“, поврзана со системот EES, која има за цел да го олесни преминувањето на границите за патниците од земји надвор од ЕУ.
Апликацијата е наменета за лица кои не се државјани на ЕУ, а подлежат на регистрација во рамките на EES системот. Во моментов, таа е достапна во Шведска и Португалија, додека останатите земји-членки сè уште постепено ја воведуваат.
Со неа, патниците ќе можат однапред да ги внесат податоците од пасошот, како и фотографија од лицето, уште пред да пристигнат на граничниот премин каде што се применува системот. Дополнително, се овозможува и пополнување на прашалник за условите за влез, што значително го намалува времето потребно за обработка на лице место.
Регистрацијата преку апликацијата може да се направи во рок од 72 часа пред влез или излез од земја што го поддржува системот. Ова значи дека голем дел од административната процедура ќе биде завршена однапред, што треба да придонесе за побрз проток на патници.
Сепак, важно е да се нагласи дека апликацијата не ја заменува граничната контрола. Патниците и понатаму ќе мора да поминат проверка, но процесот ќе биде поедноставен и побрз, бидејќи податоците веќе ќе бидат внесени во системот.
Апликацијата може да ја користат патници од земји надвор од ЕУ кои имаат биометриски пасош и кои подлежат на регистрација во EES. Иако користењето не е задолжително, се очекува да стане практична алатка за сите кои сакаат да избегнат задржувања и долги редици на границите.
Системот EES постепено се воведува од 2025 година, а неговата целосна имплементација се очекува до 10 април 2026 година, кога новиот дигитален режим на влез и излез во Европа ќе стане стандард за милиони патници.


















