Новогодишната ноќ во познатиот швајцарски скијачки центар Кран-Монтана се претвори во вистински хорор. Рано утрово, кантоналната полиција потврди дека има повеќе загинати и голем број повредени по експлозија и пожар што избувнале во подземен бар, додека неофицијалните информации говорат за можни десетици жртви.
Инцидентот се случил околу 1:30 часот по полноќ во барот и салонот „Ле Констелејшн“, сместен во подрумски дел од објект. Според првичните полициски информации, причината е експлозија од засега непознато потекло, по што избувнал силен пожар.
Швајцарскиот весник „Блик“ објавува дека постојат индиции оти пожарот можеби бил предизвикан од пиротехнички средства користени за време на новогодишен концерт. Очевидци во приватни пораки и разговори споменуваат и повеќе последователни експлозии.
Во моментот на инцидентот, во подрумскиот простор се наоѓале повеќе од 100 лица. Портпарол на кантоналната полиција изјави дека сцената била хаотична и дека има „многу повредени и многу мртви“, без да прецизира бројки.
На местото веднаш била покрената масовна спасувачка операција. Распоредени се бројни амбулантни возила, противпожарни екипи и медицински хеликоптери. Пожарот утрово е ставен под контрола, но последиците се катастрофални.
Швајцарската телевизија SRF јавува дека болниците примаат пациенти со тешки изгореници, а отворена е и специјална телефонска линија за семејствата кои бараат информации за своите најблиски.
Локалното радио RhoneFM пренесува дека, според неофицијални извори, бројот на загинати може да биде многу висок. Се споменуваат „неколку десетици жртви“, а анонимен извор наведува бројка од околу 40 загинати, иако ова засега не е потврдено од властите.
Кран-Монтана важи за еден од најпознатите и најлуксузни скијачки центри во Швајцарија, со повеќе од 160 километри скијачки патеки и бројни новогодишни настани, што дополнително ја зголемува тежината на трагедијата.
Истрагата за причините за експлозијата и пожарот е во тек, а швајцарските власти најавуваат дека повеќе официјални информации ќе бидат соопштени во текот на денот.















