Новогодишната ноќ во италијанската престолнина започна со тешка трагедија. Шеесет и тригодишен маж го загуби животот во населбата Малафеде во Рим, откако рачно изработена петарда му експлодирала во раката, предизвикувајќи смртоносни повреди.
Инцидентот се случил попладнето, околу 17:30 часот, на улицата Виа Кортемаџоре. По силната експлозија, на местото веднаш пристигнале екипи на итната медицинска помош и карабинерите, но и покрај брзата реакција, лекарите можеле само да ја констатираат смртта.
Според првичните сознанија од истрагата, жртвата искрварила поради тешки повреди – експлозивната направа му ја разнела раката и му нанела сериозни оштетувања на градниот кош. Станува збор за Јон Ботнари, државјанин на Молдавија, кој, според информациите, подготвувал огномет за новогодишната полноќ.
Петардата била рачно изработена и наводно набавена на црниот пазар. Таа експлодирала додека ја држел во рака, а во моментот на несреќата мажот бил сам на улицата. Подоцна, при претрес кај неговиот син, полицијата пронашла поголема количина пиротехнички средства, што дополнително ги зајакнува сомнежите за нелегална набавка и складирање.
Италијанските власти повторно апелираа до граѓаните да не користат нелегална пиротехника, предупредувајќи дека ваквите случаи секоја година одземаат човечки животи и носат тешки последици.
















