Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, објави фотографија од уапсениот венецуелски претседател Николас Мадуро, која веднаш предизвика бурни реакции во светската јавност. Фотографијата е објавена на социјалната мрежа Truth Social и, според тврдењата, е направена на американскиот воен брод USS „Иво Џима“.
На објавената фотографија, Мадуро е облечен во тренерки, со лисици на рацете, слушалки на главата и темни очила кои му служат како превез за очите, додека во раката држи шише со вода. Објавата доаѓа кратко по изјавата на Трамп дека Мадуро и неговата сопруга се заробени по серија силни американски напади на територијата на Венецуела и дека се транспортираат кон Њујорк.
Според американските власти, против Мадуро веќе се водат постапки поврзани со тешки кривични дела, а неговото апсење се оценува како „историски момент“ во борбата против организираниот криминал и нарко-картелите. Од Каракас засега нема официјална реакција, додека меѓународната заедница внимателно ја следи состојбата и можните последици од настанот.
















